Со цел дефинирање на најдобрата бизнис идеја селектираните кандидати во Програмата „Самовработување“, од денеска започнаа да се одржуваат бизнис обуките. Обуките ќе се одржуваат во период од 5 недели организирани во сите 30 регионални центри при Агенцијата за вработување на РМ.
Околу 700 селектирани кандидати во првиот циклус на Програмата, за време на петдневните обуки ќе имаат можност поблиску да се запознаат со основите на претприемаштвото, развој на бизнис идеја, деловно планирање, креирање на маркетинг стратегија и финансии.
„Обуките се одлично организирани. Вежбите се конкретни, јасни и едноставни за следење, и секако многу поучни. Се надевам дека за овие пет дена ќе добијам многу информации со кои полесно ќе ја дефинирам мојата бизнис идеја, а тоа е отворење на студио за 3д анимирање.“ – изјавува кандидат од Скопје.
Зборувајќи за начинот на кој се осмислени овој тип на обуки, консултантот Ристо Иванов потенцира: „Лично сум многу изненаден од овогодинешните кандидати. Досега слушнав неколку многу интересни идеи за успешен бизнис. Во следните денови ќе поработиме на проценка и разбистрување на сите бизнис замисли на кандидатите – што е реално да се очeкува, а што не.“
По завржување на обуките, развиените бизнис идеи ќе бидат оценети од страна на посебна комисија составена од експерти од разни деловни области. Оние бизнис идеи кои ќе добијат најголем број поени, автоматски ќе влезат во следната фаза на Програмата – разработка на бизнис план под менторсво на советници (консултанти) при Агенцијата за поддрска на претпиемиштвото (АППРМ).